Интервју за Fashionel.mk

РАКОТВОРКА И ОСНОВАЧ НА „ЕСНАФ”

„Еснаф“: Во свет на евтино масовно производство, предизвик е да се живее од традиционален занает

      Занаетот „злато” вреди. И ова не е само „аманет” оставен од постарите генерации. Така било некогаш, но така е и сега, иако под пластот на модерните професии и модерното време, сјајот на традиционалните занаети тешко да блесне во полн ек.

Но, ведрина ни носат приказни како онаа на „Еснаф” која заедно со Изабела Соколовска со задоволство ќе ви ја раскажеме.

Колектив на занаетчии еднаков на семејство. Од тинејџери до пензионери, без било каква дискриминација на било која основа, членовите на ова семејство ги поврзуваат магичните раце и креативниот ум.

Изабела го основаше „Еснаф” прво од личната потреба како талаенирана ракотворка да му покаже на светот што знае да создаде со своите раце, а потоа и како потреба на колективот на занаетчии во Македонија кои се нашето скриено богатство на кое општеството треба да му даде шанса да блесне.
Важно е да се напомене и дека „Еснаф” е општествено одговорен колектив кој со целиот свој капацитет им овозможува поддршка на ранливите категории.

Знаат ли новите генерации да го препознаат потенцијалот на занаетчиството? Овде мислам на двонасочно препознавање, и од аспект на консумент и од аспект на креативец.

     Секоја генерација се соочува со еден проблем, а тоа е униформноста. Додека сме млади купуваме исти парчиња облека, накит или обувки како и повеќето од генерацијата. Носиме исти фризури и слушаме музика како што слуша мнозинството. Како созреваме се дефинира вкусот и се повеќе сакаме да се издвоиме, да бидеме свои и посебни. Тогаш почнуваме да го препознаваме и вреднуваме потенцијалот на занаетчиството. И новите генерации не се имуни на оваа замка.

     За среќа во секоја генерација има луѓе што се издвојуваат во својата креативност и како консументи и како креатори. Со „Еснаф“ соработуваат многу млади креативни луѓе, кои се вистински мајстори во својот занает. Нивните изработки без разлика дали се модерни или спој на традицијата со модерното се вистински мали ремек дела, автентични и со личен духовен печат. Нивните парчиња се препознатливи, кул, модерни и младите ги обожаваат.

Може ли да се живее од еснаф и живее ли еснафот во нашето опкружување?

     Во светот на евтиното масовно производство голем предизвик е да се живее од еснафот.
Рачните творби бараат многу време, трпение, љубов и умешност да се создадат. Во „Еснаф“ има производи кои се изработуваат од неколку часа до повеќе од месец дена. Материјалите кои се користат тешко се обезбедуваат и понекогаш се набавуваат од странство што дополнително влијае на цената. Додатете ја во равенката и куповната моќ на нашиот народ и ќе го имате одговорот.

     Сепак во Еснаф можат да се најдат интересни парчиња за сечиј џеб, а како што се вели “за секој производ има муштерија”.

    Дали живее еснафот во нашето опкружување? Погледете ја Старата Скопска чаршија или она што останало од неа, некое старо дуќанче, некое ново, неколку базари годишно, улични продавачи на рачни творби и тоа е се. Свесни сме дека многу занаети одумираат, а многу се трансформираат и адаптираат на модерното време. Важно е што ракотворците се секогаш ентузијасти и сонувачи, а оној што има сон ќе има и успех.

Целта на социјалната платформа Еснаф е баш тоа, да се поддржат сонувачите на патот кон нивниот успех.

Како се случи приказната на вашиот колектив „Еснаф” и со каква цел ја започнавте?

     „Еснаф” настана природно со интересот за учество на лицата од ранливите категории на нашите базари. Можноста да работат и да заработуваат од дома за нив значи огромна поддршка. Регистрирањето како занаетчија е огромен трошок, а да се биде достапен до купувачите, треба да се има сопствен простор, што е, исто така, дополнителен трошок и време, кое се одзема од процесот на изработка. Да се изработуваат производите, да се фотографираат, маркетингот и поврзувањето со купувачите е процес, продажбата е процес, кој сам по себе одзема многу време и е тежок модел за да биде профитабилен. Тоа што „Еснаф” го нуди е преземање на производите по изработката и нивно натамошно поврзување со купувачите.

     Директно ја искусив потребата да се создаде модел на соработка што ќе ги обедини сите на едно место, притоа обезбедувајќи ги потребните обуки и настани. Поддржувањето на тие луѓе што сакаат рачната изработка да им биде определба за живот е причината што настана „Еснаф”.

На кој принцип функционирате и каков профил на занаетчии се членови на вашето семејство?

     Семејство е вистинскиот збор да се опише “Еснаф”.
Еснаф е семејство во кое се поддржуваат ранливите, се дава придонес кон еднакво општество, се создаваат можности за вработување на ранливите категории, кое придонесува за засилување на вештините и капацитети на луѓето што изработуваат ракотворби и на сите оние што сакаат своето хоби да го донесат на ниво на професионално занимање.

Тоа што е најважно за нас и е наша главна мисија е поддршка на лицата од ранливите категории. Соработуваме со повеќе здруженија и организации чија цел е поддршка на овие лица, како што се Лице В Лице и Паблик, Здружение Порака Неготино, Хуманитарно здружение на граѓани и лица со попреченост Илинден, Виктори Декорации, Организација Мобилност. Членови сме на мрежата на социјални претпријатија СЕН која ги обединува сите социјални претпријатија и интензивно работи на нашиот развој.
<span;>Нашето “потесно” семејство брои повеќе од 80 ракотворци од тинејџери до пензионери, не разликуваме полови, степен на образование, верски или други припадности. Добродојдени се сите талентирани креативни луѓе со магични раце и љубов за она што го работат.
Затоа кога велиме „занаетчиите”, мислиме на лица од сите категории.

Дали кругот на членови-занаетчии е затворен или може да варира?

     Бројот на занаетчии во Еснаф постојано се зголемува. Богати сме со креативци и изработувачи кои го бараат своето место на пазарот. Еснаф станува препознатлив по големиот избор на уникатни производи и персонализирани подароци и успешно ги задоволува желбите на најпребирливите купувачи.

Што најмногу сакаме да подаруваме?

     Вообичаено нашите луѓе подаруваат т.н. сигурни подароци: книги, козметика, марами…. вистина е дека убава книга никогаш не е вишок, но ни недостасува имагинација.
Во Еснаф доаѓаат луѓе кои размислуваат надвор од рамката, кои сакаат да подарат пред се љубов, а потоа предмет. Секое парче има свое име, своја приказна, носи порака. Купувачот може да се препознае себеси, или оној на кого подарува во некое специфично парче.
Кога луѓето бираат подарок, без разлика дали е некое парче накит, декоративен предмет, некој додаток, имате прав ритуал, цела “анализа” на личноста, возбуда, радост дека ќе израдувате некоја драга личност, некое посебно задоволство. Кога си заминуваат со подарокот, заминуваат со целата среќа на светот.

Кои се функционалните бариери со кои се соочувате? Како може да се промени таквата состојба?

     „Еснаф“ е создаден како животна определба и начин на живот и најголем предизвик во моментов е да стане самоодржлив. Не сакаме да зависи од никаков проект, што кога тогаш ќе заврши и ќе мора да се затвори. За ова да се оствари потребно е да се подигне свеста на купувачите дека со купување во Еснаф, дирекно ги поддржуваат занаетчиите и ја поддржуваат неговата мисија и опстанок. Свеста постепено расте и веќе имаме неколку општествено одговорни компании кои купуваат од „Еснаф“. Повикот е отворен за сите компании кои сакаат да соработуваат со нас.

Нашето поднебје има богата традиција на занаети. Постои ли тенденција на нивно заживување или се соочуваме со криза во тој домен? Каков е Вашиот впечаток?

     Македонија била една од земјите што, покрај појавата на индустријализацијата, успеала да ги зачува и одржи занаетите во живот. Така и ние, неколку века подоцна, нашата инспирација ја црпиме токму од минатото, од богатата традиција и култура со која се одликува нашата земја.

Институтот Креативна Македонија, во чии рамки е создадено СП Еснаф и чија мисија е развојот на креативниот и иновативниот потенцијал кај луѓето од сите возрасти, е организатор и спроведувач на повеќе циклуси работилници. Овие работилници под мотото” Создади наследство, научи занает” се оддлична можност да се изучуваат различни занаети како вeзење, плетење, шиење, изработки на накит во различни техники и др.. Интересот е навистина голем, а ние сме пресреќни што придонесуваме дел од занаетите да останат актуелни.

Како се регрутираат нови генерации занаетчии?

     На почетокот имавме одреден број на членови, кои ги познававме како учесници на базарите што сме ги организирале. Добро бевме запознаени со нивните изработки,со квалитетот што го нудат, а пресуден беше фактот дека веруваат во она што го работиме.
Како се развиваше Еснаф, така бројот на пријавени и нови членови се зголемуваше.
Секој што е занаетчија, ракотворец може да се приклучи на нашата платформа со пополнување на формуларот на следниот линк:

https://forms.gle/FUJXSDMJafFLbhtB9

Овде потенцијалните членови можат да ги дадат основните информации и фотографии од своите изработки. По пристигнувањето на апликациите, комисија прави селекција и ги одбира кандидатите за соработка, кои подоцна се контактираат.
Интересот е голем, така што потребно е малку повеќе време да се процесираат апликациите и да се примат нови изработувачи.

Светот без уметност е…

…Сиромашен, без бои, едноличен, досаден.
За среќа секој од нас се раѓа како мал креативец и без разлика што животот ни ги “одзема” овие способности, талентот секогаш го пронаоѓа својот пат.

За Изабела Соколовска…

Дипломиран професор по француски јазик и книжевност. По студиите заминува да работи на луксузна јахта каде се развива пасија кон угостителството. Сертифициран мартер обучувач од Швајцарската академија за хотелски менаџмент од Луцерн.
Љубовта кон занаетот и рачната изработка ја има од мала возраст, од кога и ги совладува традиционалните вештини како везење, плетење и хеклање. Во последните 9 години активно изработува филиграни од хартија и држи обуки за истите. Досега има одржано 20 обуки ( со вкупно 180 учесници) за изучување на оваа техника. Го основа Институтот Креативна Македонија преку кој организираше досега 9 базари на ракотворби, со најголем број на учесници во државата, односно има остварено соработка со над 300 занаетчии и ракотворци. Како резултат на работата на Креативна Македонија, го основа Социјалното Претпријатие – „Еснаф”, продавничка и онлајн платформа за продажба на рачни изработки.

„Еснаф” ќе го најдете во центарот на Скопје, во близина на Грчката Амбасада, но и онлајн на следниве линкови:

Esnaf Home

https://www.facebook.com/esnafeu/

https://www.instagram.com/esnaf_eu/

https://twitter.com/esnaf_eu</

https://www.pinterest.com/creativemacedonia/

© 2020 Fashionel.mk. Сите права се задржани. Линк до интервјуто: https://fashionel.mk/intervju/esnaf-vo-svet-na-evtino-masovno-proizvodstvo-predizvik-e-da-se-zhivee-od-tradicionalen