Fields of Time инспирација

По една долга детокс пауза од социјални медиуми, следат новитети 🙂
Соочена со големи предизвици и големи настани и многу работа, решив дел да ги откажам, поради тоа што веќе можев да го предвидам преиодот кој следи: внесена во работа, без да имам време да се посветам на семејството и на себе.
Од сите претходни колекции кои ги изработувавме, останаа премногу материјали од прототипи и обиди за добивање на производите.
Спонтано и добив на подарок еден прекрасен разбој кој ми ги дефинираше настаните кои се случуваа потоа.
На толку материјали и алатки, решив да се посветам на создавање производи, да поминам повеќе време со семејството и да уживам во моментите на творење кои значат и повеќе време за себе ❤️
Така го создадов своето место, ателје, работилница, односно мојот креативен свет! Полека почнав да ги средувам работите и да уживам целосно. Со мислите бев на едно многу убаво место, каде пред многу години одев на одмор. Секогаш ме смирува помислата на утринското кафе во комплетна тишина, каде се слушаше само шумот на ветрот низ житните полиња. Тој мир и спокој и те како ги посакував да ги доживеам повторно.
И во тие моменти решив да ги создадам. И тоа од најубавиот конец – нашата златна срма, која ме чекаше на рафтот да и најдам примена ✨️

Размислував за последните години колку многу работи научив со Еснаф, како се менуваа работите и што навистина сакам да се случува во иднина. Колку се менував и јас и концептот на Еснаф. На секоја промена се чуствував како одново да го создавам и секојпат со нови сили, но и со поголемо искуство.
Така се роди и колекцијата – Fields of time. Како едно поле со жито кое се менува и расте низ секоја сезона и потоа одново го повторува циклусот.
Додека ги подготвував дизајните и шемите за ткаење да се добие жито, ги разгледував и ткаените волни и материјали од баба ми, мајка ми. Посакав да создадам и јас нешто и да го пренесам понатаму. Ова е мое првенче во ткаење, со материјали кои ми беа на располагање и со една лична приказна исткаена во секој конец. Од срце создадена, колекција Fields of time 🌾
❤️
Изабела.